Развојот на односите Анкара - Париз зависи од „нормализацијата“ на Франција
Во средина во која Турција се прикажува како единствен извор на проблеми од страна на Франција и нејзините европски партнери, несомнено, средбата меѓу Ердоган и Макрон е важен чекор за нормализирање на турско-француските односи
Share
По долго време високи тензии дојде до значителен развој на односите меѓу Турција и Франција - на 2 март се одржа состанок помеѓу претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговиот француски колега Емануел Макрон, преку видеоконференција. Средбата на двајцата лидери во период кога има сериозни проблеми во турско-француските односи поради популистичката и потценувачката политика на администрацијата на Макрон, во секој случај, може да се смета за позитивен развој во однос за иднината на односите меѓу двете земји.
- Области на недоразбирање во билатералните односи
Пред да се оцени средбата меѓу Ердоган и Макрон, би било корисно да се погледнат проблематичните области во билатералните односи. Меѓу прашањата што во последните неколку години предизвикуваат тензии меѓу двете земји се либиското прашање, кризата во Сирија, прашањето за Карабах, развојот на настаните во Источен Медитеран, процесот на пристапување на Турција во Европската Унија (ЕУ) и неоснованите изјави на Макрон за исламот - религијата на спасот, и за муслиманите, кои се нејзини следбеници.
Како прво, треба да се забележи дека односот на француската Влада во врска со прашањето за Либија негативно влијае на билатералните односи. Додека Турција ги продолжува своите односи со актуелната легитимна Влада за национално помирување на Либија призната од Обединетите нации (ОН) во границите на меѓународното право, а француската Влада, спротивно на ова, соработува со генералот Калифа Хафтар, и тоа не ѝ е доволно, им обезбедува воена помош на силите на Хафтар. Покрај тоа, француската Влада, уште од првиот ден се противи на Договорот за ограничување на морските надлежности и Договорот за безбедност и воена соработка, што Турција и либиската Влада ги потпишаа на 27 ноември 2019 година, и поради договорите, на дневен ред постави празни обвинувања земајќи ја како цел Анкара.
Наспроти ставот на Франција која приоритет им придава на сопствените интереси, не почитувајќи го меѓународното право, Турција дејствува заедно со меѓународната заедница и застана на страната на легитимната Влада на Либија, што создаде проблеми во билатералните односи меѓу двете земји.
Двете земји веќе подолго време се соочуваат и со сириската криза. Бидејќи Турција кон кризата во Сирија повторно се однесува во согласност на меѓународната заедница предводена од ОН и е против влада на Асад која нема никаков политички легитимитет, Владата на Франција јасно го поддржува ПЈГ/ЈПГ, огранокот на терористичката организација ПКК, кој за цел ги има националниот интегритет на Турција и безбедноста на границите. Се разбира дека ова природно отвори пат за реакција на Турција. Тука треба да се напомене дека поддршката на Франција за ПЈД/ЈПГ не е карактеристична само за администрацијата на Макрон. И Франсоа Оланд, претходникот на Макрон, додека ја извршуваше претседателската функција, како домаќин, во Елисејската палата ги пречека таканаречените претставници на ПЈД, јасно покажувајќи го својот став против Турција. Исто така, Оланд во интервјуто што го даде во 2018 година изјави дека терористичка организација ПЈД/ЈПГ ја гледа како сојузник на Франција и ја обвини Турција поради операциите што ги спроведува во регионот. Од таа гледна точка, може да се каже дека администрацијата во Париз страда од затемнување на умот во врска со ПЈД/ЈПГ.
Од аспект на друго актуелно прашање, и интервенцијата во азербејџанскиот Нагорно Карабах ги донесе Франција и Турција една наспроти друга. Од почетокот на операциите во Карабах, кој беше под ерменска окупација, Турција без двоумење ѝ даде поддршка на Азербејџан. Од друга страна, Франција под администрација на Макрон ја поддржа Ерменија под влијание на ерменското лоби во земјата, толку многу што Макрон водеше провокативна политика давајќи изјави дека е потребно да се изврши воена интервенција во регионот под капата на Европската Унија (ЕУ). Покрај тоа, како што се рефлектира во меѓународниот печат, беше откриено дека француската Влада, за време на прекинот на огнот меѓу двете страни, испраќајќи ѝ оружје по воздушен пат, ѝ дала воена поддршка на Ерменија. По завршувањето на операцијата, Франција ја продолжи својата провокативна политика. На пример, иако ерменскиот премиер Никола Пашинјан прогласи пораз во Карабах и најави повлекување од регионот, во Сенатот, горниот дел на францускиот Парламент, за Карабах се гласаше за признавање наводна „Република Нагорно Карабах“ како автономна држава. Сепак, претседателот Макрон, кој стана свесен за суровата реалност на теренот, во својата изјава на оваа тема, мораше да признае дека Карабах е азербејџанска територија. Врз основа на тоа, Франција, под раководство на Макрон, по Либија, и во Карабах, наместо да застане на страната на легитимните актери, во согласност со меѓународното право, застана покрај спротивната страна, при што може да се каже дека загуби и наспроти меѓународната заедница, и наспроти Турција.
Од друга страна, Франција го ревидира Договорот за воена соработка со Грчката администрација на кипарските Грци (GKRY), што како резултат на преговорите во 2017 година го потпишаа двете земји, по што добија воена база од кипарските Грци. Ова беше стратешки развој што го прошири полето на активност на Франција во Источниот Медитеран. Сепак, една од двете важни точки тука е дека француската енергетска компанија „Тотал“ продолжува со своите активности за истражување на природен гас во парцелите што Грчката администрација на кипарските Грци еднострано ги прогласи за свои, кршејќи ги правилата на меѓународното право. Со други зборови, тоа што Франција доби воена база на грчка територија, не е чекор што може да се чита само од политички и воени мотиви. Последователно, кога проблемот ќе се погледне од таа перспектива, многу подобро може да се разбере економско-политичката заднина на интересот на Франција за Источниот Медитеран. Покрај тоа, друго важно прашање е вклучувањето на Франција во Источниот Медитеран преку Грчката администрација на кипарските Грци во согласност со постигнатиот договор, со што таа уште еднаш доаѓа наспроти Турција. Во рамките на неодамна воспоставената грчко-француска соработка, двете земји често организираат воени вежби и наводно под капата на ЕУ под името „солидарност за членство“, спроведуваат иницијативи во кои за цел ја имаат Турција.
Во меѓувреме, не смее да се занемари дека односите меѓу Франција и Турција имаат важно место во процесот и пристапот на Турција во ЕУ. Инаку, како што на сите им е познато, Франција е меѓу земјите кои со својата државна политика се однесува најскептично кон членството на Турција во ЕУ и не се воздржува во секоја пригода да го изрази овој став. Всушност, сериозни дискусии во триаголникот Турција - Франција - ЕУ предизвика спротивставувањето кон членството што се правеше за време на мандатот на поранешниот претседател Никола Саркози. На пример, во текот на целиот мандат на Саркози, тој отворено говореше дека не треба да му се дава перспектива на членството на Турција и наместо членство во ЕУ, тој предложи формирање на алтернатива под името „Унија за Медитеранот“. Додека Турција уште од првиот ден одби вакви алтернативи, Франција сѐ уште, одвреме-навреме зборува на таа тема и таквата состојба му нанесува штета на процесот за членство на Турција во ЕУ.
Францускиот претседател Макрон, во последно време, со цел да ја подобри опаѓачката политичка популарност во општеството, се потпре на исламофобични дискурси, што предизвика реакции од страна на Турција. Со дрските, безобразни обвинувања, како на пример „Исламот е во криза низ целиот свет и треба да се преструктуира“, Макрон ги девалвира милионите муслимани во неговата земја и се обиде да ги асимилира под таканаречениот „француски ислам“, при што со претенциозни изговори, затворени се голем број џамии низ цела Франција. Надмените изјави на Макрон со кои предлага во џамиите низ Франција да им се стави крај на должноста на имамите кои се образовани од страна на Турција и Алжир, се конкретни примери на ваквата состојба. Турција, реагирајќи на ваквите неосновани изјави на Макрон, се обидува да ги заштити правата и законите на муслиманите. Во тој контекст, може многу лесно да се утврди дека сите проблеми што во последно време ги окупираат турско-француските односи, се иницирани од страна на администрацијата во Париз и продолжуваат.
Од друга страна, главната причина за тензиите во односите меѓу Турција и Франција, како никогаш порано, поврзани се со новата надворешно-политичка визија што ја зацрта Турција. Во тој контекст, Турција, која прави конструктивни претприемачки чекори на секое поле, стана актер чија тежина, не само во регионалната политика, туку и во светската, секој ден се чувствува сѐ повеќе.
Споменатата ситуација важи и за Африканскиот Регион, кој во минатото беше француска колонија. Инаку, Франција од свој аспект е загрижена за сопствените интереси откако Турција започна да воспоставува пријателски односи со земјите од тој регион и да ја зголемува својата моќ во регионот. Франција која има потешкотии во прифаќањето на реалноста или не сака да го прифати тоа, се обидува својата дневна агенда да ѝ ја наметне на Турција, пристапувајќи им на проблемите од неоколонијална перспектива. Наспроти тоа, Турција, која ги одбива малите улоги што ѝ ги кројат други глобални актери, меѓу кои е и Франција, и со право се обидува да дејствува во согласност со нејзината историја и моќ. Сето тоа резултира Турција да има проблеми не само со Франција или со други европски земји, туку и со Западот, кој претставува широка политичка географија.
- Средба Ердоган - Макрон
Во овој период кога турско-француските односи минуваа низ тежок процес, претседателите на двете земји донесоа одлука да се сретнат по пат на видеоконференција на 2 март, поради новиот тип на епидемија на коронавирусот (Ковид-19). Резултатот од состанокот Ердоган - Макрон, на кој се дискутираше за гореспоменатите проблематични области, беше објавен на многу дипломатски јазик, со зборовите дека двете земји се решени да работат заедно за да обезбедат мир во регионот во кој се наоѓаат. Во овој контекст, истакнувајќи дека Турција и Франција се два моќни сојузници на НАТО, претседателот на Турција, Ердоган, рече дека двете земји можат да дадат значителен придонес во напорите за безбедност, мир и стабилност на пошироката географија, што се протега од Европа до Кавказ, од Блискиот Исток до Африка. Од друга страна, зборувајќи дека тероризмот останува да е валидна закана за двете земји, претседателот Ердоган рече дека во активностите за обезбедување мир и стабилност треба да бидат вклучени заедничките напори во борбата против терористичките организации. Ердоган потенцира дека во регионите каде што гледа висок потенцијал за соработка со Франција, постои честа конфронтација меѓу двете земји. Покрај тоа, во истите региони каде што меѓусебните судири на интереси се високи, дури и при решавањето на проблемите во истите региони, првенствено не смее да се игнорира фактот дека Турција беше таа која прва ја подаде раката на мирот. Може да се забележи дека претседателот Ердоган, потенцирајќи ја важноста на соработката меѓу двете земји, се осврна на Договорот од Анкара, кој беше потпишан во 1921 година и деновиве ја слави својата стогодишнина.
Од друга страна, треба да се забележи дека не беше изненадување билатералната средба одржана на 2 март. Како што ќе се запомни, во време кога билатералните односи секојдневно сѐ повеќе се влошуваа, францускиот претседател Макрон му напиша писмо на претседателот Ердоган во јануари оваа година, во кое наведе дека сака да се состанат што е можно побргу, со цел да се намали напнатоста во билатералните односи. Оттаму, на состанокот меѓу Ердоган и Макрон што се одржа на 2 март, наместо да се гледа како изненадувачки развој на настаните, може да се гледа како продолжение на дипломатскиот сообраќај што започна во јануари. Затоа, не треба да нѐ залаже позитивната атмосфера за време на билатералната средба, и барем засега, не е можно да се каже дека турско-француските односи се нормализирале.
Бидејќи проблемите во билатералните односи не се од таков вид што можат лесно да се решат во краток период и затоа што опфаќаат прилично голема површина, посоодветно би било оваа средба да се протолкува како чекор кон намалување од тензиите.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, по средбата, продолжувајќи со надмен став, во своето обраќање истакна дека тензиите во билатералните односи се намалиле откако Турција престанала да ги навредува Франција и ЕУ, но неговата изјава дека односите ќе останат кревки сè додека Анкара не преземе конкретни чекори, во суштина, открива дека напнатоста продолжува. Наспроти ова, како што може да се забележи во целиот овој напис, конкретна е реалноста дека основната причина за проблемите во турско-француските односи е во суштина администрацијата на Макрон. Така, за разлика од изјавата на Ле Дриан, доколку Франција предводена од администрацијата на Макрон, навистина се однесува искрено кон односите со Турција и тоа го спроведе во практика, може да се каже дека билатералните односи можат навистина да се нормализираат.
Во средина во која Турција се прикажува како единствен извор на проблеми од страна на Франција и нејзините европски партнери, несомнено, средбата меѓу Ердоган и Макрон е важен чекор за нормализирање на турско-француските односи. Наспроти ова, бидејќи меѓу Турција и Франција постојат големи и длабоки проблематични области, за вистинско нормализирање на билатералните односи меѓу двете земји потребно е продолжување на ваквите конструктивни средби.
Anadolu Agency (AA)
Tags »